Бизнисменот и сопственик на бугарскиот фудбалски прволигаш Ботев Пловдив, Илијан Филипов, е убиен во текот на ноќта во Пловдив. Според информациите од бугарските медиуми и потврдата од Министерството за внатрешни работи, Филипов бил застрелан во својот дом.
Сигналот за престрелката бил пријавен околу 1 часот по полноќ, по што на местото пристигнале полициски и истражни екипи. Според првичните информации, кои сè уште не се официјално потврдени во сите детали, тој бил погоден со еден куршум во главата.
Филипов беше познат како основач и сопственик на транспортната компанија PIMK, а во последните години беше директно поврзан и со Ботев Пловдив. Во јуни 2025 година ја презеде сопственоста над клубот и најави дека ќе ги преземе и обврските поврзани со значителните долгови на претходното раководство. Неговото име беше поврзано и со изградбата на стадионот „Христо Ботев“.
Само неколку часа пред трагичниот настан, Филипов бил присутен на стадионот „Христо Ботев“, каде што го следел натпреварот меѓу Бугарија и Естонија во Лигата на нациите, кој заврши без голови.
