Обвинителката Ленче Ристоска, портпарол на СЈО и една од ,,трите грации“, како што ги нарекуваа во најдобрите денови на Специјалното Јавно Обвинителство заедно со Фатиме Фетаи и Катица Јанева, синоќа на Фејсбук се прости со оваа институција.
,,29.06.2020 година, последниот работен ден на СЈО. Горчливо сладок ден.. Горчлив е вкусот на разделбата и сите неостварени планови, но слатки се спомените за заеднички совладаните предизвици и споделената енергија… Денес се поздравивме со колегите од стручната и од административно-техничката служба и со истражителите. На вработените во СЈО денес им е последен работен ден и овие луѓе од денес остануваат без работа! Денес мојот стручен соработник ми вика: „тажно е обвинителке, ко средна школа кога завршуваш, четири години сме заедно, што сѐ не делевме, имаше периоди почесто бев на работа од дома“.. и така беше…
За мене СЈО беше симбол за борба за идеали, за борба за правда, интегритет, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост. Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст изречно да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципелно и однесување со интегритет“-напиша Ристоска на својот Фејсбук профил.