Војната во Нагорно-Карабах помеѓу Ерменија и Азербејџан сè уште трае, а несреќните случувања се пренесоа и на фудбалските терени.
Имено, УЕФА итно покрена постапка против Карабага затоа што еден од нивните челници постираше скандалозна порака на Фејсбук во која се повикува на убиство на сите Ерменци! Станува збор за Нурлан Ибрахимов, кој е одговорен за односи со јавноста во Карабага.
„Мораме да ги убиеме сите Ерменци. Деца, жени, стари лица, без покајание. Ако не го сториме тоа, тие ќе не убијат нас“, напиша Ибрахимов на својот приватен профил и создаде огромен проблем за клубот во кој е вработен.
Клубот се обиде да се огради од зборовите на својот ПР, но не ја испушти шансата да го покаже својот став на оваа тема. Тие го искористија официјалниот профил на клубот за да се присетат на бомбардирањето на неколку градови од страна на ерменските сили.
Инаку, ова не е прв пат спортот да биде вовлечен во лошите односи помеѓу Ерменија и Азербејџан кои донесоа и војна. Неколку ерменски спортисти загинаа во војната која се води во Нагорно-Карабах како што се ерменскиот шампион во кревање тегови, Татул Харутјунан и фудбалерите Липарит Даштојан и Гагик Абрахамјан.