Петмина тинејџери загинаа, а уште четворица се тешко повредени во сообраќајна несреќа што ја предизвикал автомобил кој се движел во спротивна насока на автопат во Република Ирска, објави „Гардијан“.
Ирската полиција потврди дека телата на петтемина млади, сите момчиња, биле извлечени од местото на директниот судир меѓу два автомобила, кој се случил во неделата околу три часот наутро на автопатот „М9“, во округот Килдер.
Во вториот автомобил се превезувале три жени – две на возраст од триесетина години и една во дваесеттите години – како и едно момче. Сите четворица се во болница со тешки повреди.
Полицискиот комесар Џастин Кели го опиша директниот судир како „ужасен“ и предупреди дека „во некои случаи“ возачи намерно возат во спротивна насока на автопатите за да соберат допаѓања на социјалните мрежи.
Случајот го истражува и полицискиот омбудсман „Фиосру“.
Сличен судир на М50 минатиот викенд повреди девет луѓе. Полицијата побара сведоците и возачите со снимки да помогнат во истрагата.
