Чешкиот претседател, Милош Земан, им порача на граѓаните ова лето да уживаат во убавината на својата земја, бидејќи патувањето во други држави ќе биде забрането во текот на целата година, како резултат на пандемијата на Ковид-19.
Во радио интервју во неделата Земан рече дека сегашните ограничувања на границите треба да траат една година „за патниците да не донесат нов бран на зараза од патувањата во земји каде епидемијата не е завршена“.
Кон средината на март, Чешка воведе забрана за влез и излез од земјата, со цел да го спречи ширењето на новиот коронавирус. Изземени од забраната се оние кои патуваат на работа, возачите на камиони и лицата со важна причина да одат во друга земја, како што е медицински третман.
Туристичките агенции претходно бараа барем да им се дозволат тури во Словачка и во Хрватска, кои се особено популарни туристички дестинации кај Чесите и каде што инфекциите со коронавирус се ретки.