Утрово во Солун, од коронавирус почина Емануел Малелис, кај нас познат како Маноли кој во деведестите години во тогашниот грчки конзулат беше задолжен за визи – објави вечер.мк.
Според информациите на порталот Маноли се инфицирал со корона вирусот на Кипар, пред десетина дена, а првично имал лесни симптоми па се вратил дома во Солун на лекување. Но, пред четри дена состојбата му се влошила и починал.
Инаку, Маноли е Македонец од егејско потекло, роден во околината на Лерин, женет со Македонка од Скопје и татко на две ќерки. По завршување на мандатот во грчкиот козулат останува во Скопје и продолжува да работи на функција во рафинеријата Окта која, во меѓувреме, доби грчки сопственик.
Беше дел од скопскиот социјален и политички живот, близок пријател со Павле Трајанов, поранешен министер во МВР, со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски како и со низа јавни личности од македонската политика, новинарство и естрадата. Ја напушти Македонија по доаѓањето на СДСМ на власт, но остана во бизнис контакти со повеќе познати бизнисмени од Македонија.