Момче (17) од градот Ланкастер, во близина на Лос Анџелес почина откако се зарази со коронавирус.
Иако здравствениот штаб во Лос Анџелес прв пат објави дека неговата смрт е поврзана со вирусот „Ковид-19“, неколку часа подоцна тие се оградија велејќи дека причина за смртта на тинејџерот може да биде нешто друго.
– Иако првичните тестови покажаа дека тој бил позитивен на „Ковид-19“, случајот е сложен и може да има алтернативно објаснување за неговата смрт. Неговата смрт ќе треба да ја објасни Американскиот центар за контрола и спречување на болести, се вели во соопштението.
Градоначалникот на Ланкастер Рекс Парис изјави дека момчето е хоспитализирано поради респираторни проблеми и починало поради септичен шок, како резултатна широко распространетата инфекција која може да предизвика екстремно низок крвен притисок и слабост на органите.
Парис тврди дека таткото на момчето исто така бил болен од вирусот „Ковид-19“ и дека бил вработен на работно место каде имал директен контакт со луѓе.
Градоначалникот рече дека момчето веројатно имало и други здравствени проблеми, но бил здрав пред да се зарази со вирусот.
Тој рече дека не се сомнева дека тинејџерот починал од компликации предизвикани од вирусот „Ковид-19“.
„Ние сме првиот град во Соединетите држави каде едно дете почина од коронавирус, болката е неподнослива“, рече тој.
Според него, младиот човек отишол во болница поради респираторни проблеми, но тие го пуштиле дома и не го тестирале за Ковид-19. Потоа отишол во друга болница, каде бил примен и тестиран. Дури по неговата смрт, добил позитивен наод за коронавирус.
– Како може да примите дете во болница со респираторни проблеми и да не го тестирате? Многу сум лут“, изјави градоначалникот на Ланкастер.