Ситуацијата во Италија е повеќе од трагична, а тоа го потврдува исповедта на Италијанка чиј татко починал од корона вирусот.
Седумдесет и двегодишниот Ѓузепе Занинони е една од жртвите на корона вирусот во Бергамо, Италија.
Последните денови од животот ги поминал на респиратор опкружен со лекари и за жал не добил шанса да се збогува од своите најблиски.
Неговата ќерка Роберта Занинони дала интервју за агенцијата Анса.ит каде ја опишала трагедијата што ова семејство во моментот ја доживува.
„Татко ми почина како куче, не е фер! Не само тој, сите умираат како кучиња, како свињи и не се срамам да го кажам тоа. Не е фер што татко ми почина на тој начин. Луѓето велат дека само повозрасните, кои биле болни, умираат – но, татко ми не беше стар, ниту беше болен“.
Роберта ја опишала ситуацијата во местото близу Бергамо каде живее.
„Во Вал Серијана се слушаат само амбулантни возила и луѓе кои плачат. Луѓето во другите области не се свесни, но во Ломбардија умираат повеќе отколку во војна. Сите жалиме сами, а погребалните претпријатија ни кажуваат дека ќе бидат потребни две до три недели за да ги погребаме нашите најблиски. Испраќам 10 пораки со сочувство, секој ден, дури ни црквите немаат доволно луѓе да ги направат сите опела. Отпрвин се шегував за ова, но сега ве молам да не ја потценувате ситуацијата. Не само старите и болните, туку и помладите пациенти умираат. Не ја повторувајте мојата грешка. Останете дома дури и кога сте млади. Заштитете ги вашите најблиски“, заклучила таа.