48-годишниот професор од Јужна Кореја, Хјун Парк се трудел на разни начини да води грижа за здравјето и да го зајакне својот имунитет. Пет дена во неделата вежбал во теретана, постојано ги миел рацете и “прекумерно користел” средства за дезинфекција, но тоа не го спречило да се зарази со коронавирус.
Парк кој сега заздравува од Ковид-19, на својот Фејсбук профил го споделил своето искуство “за да им помогне на пријателите да се заштитат од лесно преносливиот вирус”.
“Мораме да бидеме внимателни! Но, без паника и страв. Бев наивен кога мислев дека избивањето на пандемијата не е мој проблем. Да, како и вообичаено, бев глупаво самоуверен”, напишал професорот на Фејсбук.
Во Бусан, градот во кој живее и работи Хјун, првиот случај на коронавирус бил потврден на 21-ви февруари. Истиот ден, тој започнал да чувствува многу благо воспаление на грлото и имал сува кашлица. Во текот на наредните два дена, чувствувал благ, но сè поголем притисок на градите поради што одлучил да остане дома и да ја прескокне својата секојдневна посета на теретана, “не само што се чувствувал лошо туку и поради тоа што биле пријавени заболени од коронавирусот во близина на неговиот дом”.
Веќе на 24-ти февруари, во раните утрински часови забележал дека има отежнато дишење. Овој симптом го исплашил, по што ги контактирал здравствените власти кои му кажале дека не треба да прави тест за коронавирус бидејќи неговиот случај не изгледал сериозно, а во медицинските центри имало огромни редици и постоел голем ризик да се инфицира.
Меѓутоа, симптомите на професорот започнале да се влошуваат, а по третиот повик до здравствените работници му било соопштено да се тестира.
“По отприлика 30 минути чекање во ред, повторно имав краток здив и се онесвестив. Тогаш удрив со главата на подот”, напишал Парк.
Лекарите му ја санирале повредата на главата и го тестирале на коронавирус.
Професорот решил да се самоизолира во домашен карантин, а еден ден по тестирањето пристигнале и резултатите кои потврдиле дека е позитивен на Ковид-19. По 24 часа бил сместен во болница на лекување, на одделението за интензивна нега. Таму бил подложен на други тестови пред да прими терапија и го приклучиле на апарат за кислород. Парк рекол дека дишел малку полесно сè до 26-ти февруари, но дека болката во градите и понатаму била силна.
“Почувствував пецкање во градите и стомакот, иако не бев сигурен дали е поради лековите кои ги земав или вирусот. Имав блага температура и состојбата ми варираше. На почетокот имав чувство како некоја тешка плоча да ме притиска на градите, а таквата прободувачка болка постепено се ублажуваше. Понекогаш чувствував голем глад. Знаев дека морам да јадам за да преживеам, но ми беше тешко да ја голтам храната поради отежнатото дишење”.
Хјун бил отпуштен по 9 дена откако бил примен, а сега се наоѓа во карантин. Тој рекол дека сите луѓе со кои бил во контакт една недела пред да дознае дека е позитивен, се тестирани на коронавирус и резултатите се негативни.
Особено му се заблагодарил на медицинскиот персонал кој се грижел за него “како да е член на нивното семејство” и затоа што “дале сè од себе за да му ги ублажат болките, му носеле оброци и му ја чистеле собата”.