Претседателот на македонската фудбалска федерација, Муамед Сејдини, потпретседателот Лазар Ракиџиев како и селекторот на репрезентацијата Игор Ангеловски се во самоизолација поради коронавирусот.
Имено, раководството на ФФМ беше во Амстердам на Конгресот и на ждрепката за Лигата на нации кои се одржаа на почетокот на месецов (3 и 4 март), а се врати на 5 март во Скопје, а на ждрепката беше и селекторот Игор Ангеловски кој допатувал на денот кога се влечеа групите за втората сезона во Лигата на нации. Таму бил присутен и претседателот на Фудбалскиот сојуз на Србија Славиша Кокеза кој е позитивен на коронавирус и заврши на инфективната клиника во Белград.
Селекторот на Хрватска Златко Далиќ, како и првиот човек на хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС), легендарниот Давор Шукер исто така се во самоизолација, после информациите дека Кокеза е заболен од коронавирус. И овие двајца одат во изолација до среда, а досега немале никаков симптом кој би можел да укаже на зараза од коронавирус, а како што потенцираат од ХНС и тие немале преголем контакт со српскиот претседател.