Сидни Свини повторно ги разбранува социјалните мрежи со реклама за „Новиг“, платформа за спортски предвидувања и обложување. Минатиот месец, актерката позираше речиси гола со спортска опрема, промовирајќи ја платформата, по што следуваа критики, гневни коментари и губење на следбеници. Но, наместо да се повлече, таа одговори со ново, слично провокативно видео.

Во најновата реклама Свини е во топлес, облечена само во бела долна облека со логото на „Новиг“, додека градите ги покрива со топки за американски фудбал.
– Има возрасни мажи кои прават табели за обложување врз основа на претпоставката каква боја долна облека носам. Мислам, поласкана сум? – вели таа во видеото.

Првичната реклама предизвика реакции и кај олимписки и професионални спортистки. Австралиската пливачка Аријарн Титмус ја нарече кампањата „шлаканица“ за жените кои му го посветиле животот на спортот. Критичарите ја обвинија актерката и компанијата дека ги сексуализираат жените во спортот, иако рекламата порачуваше дека платформата е „само спорт“.
Под новото видео на профилот на Свини, сепак, преовладуваат позитивни коментари.

Актерката претходно им одговори на критичарите и без зборови. Во приказните на Инстаграм објави насловни страници на списанија на кои познати личности позираат голи или полуголи. Меѓу нив беа Серена Вилијамс, Ронда Раузи, Сју Бирд, Меган Рапино и Каролин Вознијацки, но и спортистите Мајлс Гарет, Роб Гронковски, Карл-Ентони Таунс и Џејсон Келси.
„Новиг“ ја бранеше првичната реклама, опишувајќи ја како забавна идеја создадена со самодоверба, хумор и разиграна провокативност. Свини не е само заштитно лице на кампањата, туку и стратешка партнерка и косопственичка на компанијата.
