Главниот и одговорен уредник на Инфомакс, Александар Митовски е осуден на условна затворска казна од шест месеци поради оддавање службена тајна при објавувањето на исказите на сведокот Орце Камчев.
Митовски ќе ја избегне затворската казна доколку не го повтори делото, гласи пресудата која му беше изречена денес.
– Тука не важат повеќе закони, не важи Устав, не важат меѓународни договори, не важат повелби за човекови права и слободи, не важи ништо освен политичкиот интерес на Зоран Заев. Јас само од тука можам да порачам дека апсолутно сум горд на ова што го работам, можам да кажам само дека нема да престанам ова да го работам иако како што најави судијката Љубинка Башевска за која што добивме информации дека добивала и нарачки за пресудава, а и некои друг мои колеги ги објавија овие информации, таа ја исполни нарачката, а ја и порачувам побрзо да ја унапредат како награда за ова што таа денес мене успеа да ме осуди на 6 месеци условно, додаде Митовски по излегување од судот.