Ќе има спорт без публика, се откажуваат јавните собири

by Тони Зографски

Македонската Влада денеска им препорача на сите спортски организации и клубови своите веќе закажани мечеви да ги играат без присуство на публика до 6 март, но на организаторите е оставено во консултација со Комисијата за заразни болести сами да донесат одлука дали мечевите ќе се одложуваат или ќе се играат пред празни трибини.

Откако во Македонија се појави првиот случај на заразен од новиот коронавирус, министерот за здравство Венко Филипче претпладнево најави дека на владината седница ќе предложи одложување на мечевите, за да се спречи превентивно евентуалното ширење на новиот вирус. Владата денеска донесе само препорака за откажување на сите јавни собири во следните десет дена.

Оваа одлука значи дека во следнава недела неколку големи спортски настани ќе мора да се играат пред празни трибини, пред се,  последниот меч од ЛШ во ракомет Вардар – Монпелје.

Поради ситуацијата веќе се откажани низа јавни настани, како што е струмичкиот карневал и карневалот „Прочка“ во Припел, а мерките освен за спортски настани важат и за сите други јавни и културни манифестации.

останати вести