Украинците евакуирани од Кина заради коронавирусот се однесени во санаториум во градот Нови Санџари, а жителите на овој град ги блокираа патиштата. Во обид да ги спречат автобусите да стигнат до медицинскиот центар, собраните граѓани започнале со фрлање на камења преку полициските кордони кон возилата.
Дошло и до тепачка, но полицајците успеале да ги отстранат демонстрантите и да го обезбедат минувањето на автобусите со евакуираните од Кина, јавија украинските медиуми.
Седум автобуси успеале да стигнат до медицинскиот центар. Во нив имало 45 украински државјани и 27 странски државјани. Лицата носеле инхалатори, додека возачите на автобусите биле облечени во специјални заштитни одела. Сите биле евакуирани од Кина со авион што слетал на аеродромот во Харков.
Евакуираните ќе бидат ставени во карантин четиринаесет дена.