Мате Мишо Ковач почина на 85-годишна возраст, потврдија извори блиски до пејачот за хрватските медиуми. Роден во Шибеник во 1941 година, Ковач изгради кариера долга повеќе од половина век, станувајќи симбол на далматинската песна и еден од ретките изведувачи во регионот со над 20 милиони продадени плочи. Зад себе остави опус кој ја дефинираше медитеранската поп-култура на овие простори.
Ковач го започнува патот кон музиката на шеснаесет години, откако завршува средно индустриско училиште за тапетар. Пресвртот настанува во 1961 година, кога победува на натпреварот „Прв глас на Шибеник“ и како награда избира сингл од Елвис Присли.По отслужувањето на воениот рок во Белград, се сели во Загреб каде на натпревар во Карловац ја изведува песната на Реј Чарлс, привлекувајќи го вниманието на издавачката куќа „Југотон“. Првата плоча ја снима во 1964 година со препевот „Не можам да престанам да те сакам“, што го отвора патот кон неговиот професионален пробив.
Вистинската пресвртница во неговата кариера се случува во 1969 година со песната „Повеќе нема да се вратиш“, компонирана од младиот Ѓорѓе Новковиќ. Синглот се продава во речиси 190.000 примероци. Истата година Ковач бележи неверојатен дискографски биланс со пет плочи продадени во над 250.000 примероци, со што станува најуспешниот изведувач на „Југотон“.
Победата на Сплитскиот фестивал во 1971 година со песната „Ќе заплаче зората“ само го зацврсти статусот на музички феномен, соработка која со Новковиќ траеше се до смртта на композиторот во 2007 година.
