Поради коронавирусот луксузното крстарање на крузерот „Diamond princes“, на кој се наоѓаат и тројца македонски државјани чиј идентитет сеуште е непознат, се претвори во кошмар проследен со неизвесност, пренесува „Гардијан“.
Наместо крај на убавото крстарење, патниците и екипажот се нашле во карантин во Јокохама откако било откриено дека еден патник е заразен од коронавирусот, по што им било забрането да го напуштат бродот и морале да бидат тестирани.
Но, дури и патниците кои не се заразени од вирусот, мораат да поминат барем уште 12 дена под карантин на крузерот. Бидејќи не можат да комуницираат меѓусебно, но и со надворешниот свет, дел од нив своите мисли и грижи ги споделуваат на социјалните мрежи.
– Иако вирусот е застрашувачки, не можеме да сториме ништо во врска со него. Ние сме здрави и имаме добар имун систем. Знаеме дека ситуацијата е сериозна, но доколку заболите од вирусот, тоа не значи сигурна смрт – велат Пол и Џеки Фидрмук од Австралија, кои се оптимистички расположени.
За други патници, луксузот и убавината на крстарењето завршиле со започнувањето на карантинот.
– Веќе не се наоѓаме на крузер. Целиот луксуз исчезна. Нема бесплатни пијалаци и храна, нема местење на постелнината од страна на собарките и чистење на собите. Забавата и посетите исто така завршија – велат Давид и Абел Сали, кои често споделуваат видеа од ситуацијата на крузерот на Фејсбук.
Атмосферата е неизвесна, екипажот се однесува поинаку, а залихите се сведени на една банана и еден топол пијалок дневно.
Друг патник отворил инстаграм-профил на почетокот на карантинот, оставајќи ја пораката:
„Нови десет заразени меѓу сопатниците. Среќна годишнина“, по повод деветгодишнината од неговиот брак.
Откако е почнат карантинот, на патниците им биле дадени филмови, карти за играње и судоку, со цел да имаат како да го поминат времето.
Вчера, по две недели поминати во нивните соби, на патниците конечно им бил одобрен престој на палубата со времетраење од 90 минути, но под строг надзор и правила. Тие морале да бидат оддалечени еден метар еден од друг, да немаат никаков физички контакт и за да не се групираат.