Автомобилот во кој пред два дена, во близина на Пјаченца загинаа двајцата братучеди Марија Витанова и Методи Витанов од Струмица го возел Методи. Нивните безживотни тела се пронајдени во автомобилот марка ,,Рено Клио“, откако пожарникарите го изгаснаа огнот кој пламна веднаш по кобната несреќа.
Како што пишува ilpiacenza.it, Марија била во Италија во посета на роднини. Таа вечерта била излезена со својот братучед, кога се случила несреќата. Ноќта возел Методи, кој со голема брзина претекнувал друго возило, по што изгубил контрола и удрил во последното дрво од дрворедот. Автомобилот се запалил, сведоци изјавиле дека се обиделе да им помогнат, но било невозможно.
„Противпожарните екипи го изгаснале пожарот за две минути, но двајцата млади веќе биле починати“, сведочат очевидци за италијанските медиуми.
Заменикот на јавниот обвинител, Матео Чентини, нареди ДНК за идентификација на телата на Марија и Методи. Процедурата за ДНК тест за идентификација ќе трае неколку дена.
Инаку, Марија Витанова е ќерка на македонскиот конзул во Венеција, Стојан Витанов, а Методи Витанов е негов внук од брат.