Група разбојници поставиле ноќна заседа на автопат во близина на Милано, наменета за блиндирано комбе кое носело неколку милиони евра, но возачот успеал да ја пробие блокадата од два камиони, запалени автомобили и шајки расфрлани на патот.
Нападот се случил на автопатот А1 што ги поврзува Милано и Неапол на 20 километри од Милано доцна во вторникот, објави новинската агенција „Анса“.
Комбето удрило во двата камиони поставени од страна на разбојниците за да го блокираат патот, но возачот успеал да се пробие и запрел на блиска бензинска пумпа каде што стоело полициско патролно возило.
Возачот ги избегнал и преостанатите пречки поставени од криминалците: клинови и неколку запалени автомобили.
Три километри од автопатот биле затворени неколку часа за да може властите да го расчистат патот.
Нормалниот сообраќај продолжил околу 9 часот наутро.
Компанијата „Батистоли“ која е сопственик на оклопното возило соопшти дека нема повредени во инцидентот.
Сличен, исто така неуспешен напад, се случи на истиот автопат во 2014 година.