Шведската компанија за мебел „Икеа“ се согласи да плати огромна отштета на семејство од Калифорнија, чие мало дете е убиено од фиоки од комода произведени од фирмата, пренесува Би-би-си, објави Канал 3.
„Икеа“ ќе им плати 46 милиони долари на Џолин и Крег Дудек, кои поднеле тужба против компанијата, откако превртениот шкаф го уби нивниот двегодишен син Јозеф Дудек.
Двегодишниот Јозеф Дудек од сојузната држава Калифорнија починал во 2017 година, откако врз него паднала фијока од комодата од моделот „Malm“ произведена од IKEA. Малиот Јозеф е осмото дете чијашто смрт се смета дека ја предизвикало споменатото парче мебел од шведскиот производител.
„Во април годинава (Јозеф) ќе полнеше пет години. Никогаш не помислувавме дека двегодишно дете може да направи 30-инчна комода да се преврти и да го задуши. Дури подоцна дознавме дека ова парче мебел е дизајнирано нестабилно и не ги исполнува безбедносните стандарди, како и дека слично се случило и со други мали момченца“, изјавила во понеделникот мајката на загинатото дете, Џолин Дудек.
Од компанијата IKEA ја потврдиле информацијата за исплата на отштетата.
„Иако ниедна спогодба не може да ги измени овие трагични настани, поради коишто сме тука, поради ова семејство и сите инволвирани страни, ни сме задоволни што овој судски процес е решен“, се вели во соопштението на компанијата.