Во тек е истрага за инцидент кој се случил на 17 декември во ресторанот „Ribs & Burgers“ во Саут Моранг, Австралија. Три мажи кои дошле со поголема група, нападнале еден маж и му нанеле полесни повреди и избегале од локалот, пренесува дневникот Еџ. Нападнатиот човек има грчко потекло, а поминал со помали повреди на лицето и напукнат прст.
За инцидентот во ресторанот, сведоците потврдиле дека три мажи го удирале човекот со грчко потекло во главата и лицето околу 40 секунди и дека оштетен е и автомобилот на нападнатиот. За напаѓачите се претпоставува дека имаат македонско потекло и сè уште не се уапсени
Како што објавија локалните медиуми, напаѓачите и жртвата претходно биле на седницата на советот на околниот град Витлси, каде што имало најавено протест. Ова уследило откако градоначалничката на Витлси Емилија Лиза Стерјова објави фотографија на Фејсбук, на која таа танцува држејќи знаме со Вергина. Потоа градоначалничката го избришала статусот. Грчката заедница од локалната власт побарала во спорот да се вклучи и австралискиото министерство за надворешни работи, но барањето било одбиено.