Бамби Таг, претставничката на Ирска на Евровизија во Малме, Шведска, привлече огромно внимание кај публиката, а реакциите за нејзиниот настап ги преплавија социјалните мрежи.
Нејзината изведба вклучува симболи како што се пентаграм, ѓавол, вештерство и генерално демони, а ја претставува борбата на човекот со неговите внатрешни демони. Иако мислењата се поделени, мнозинството се негативни. Сепак, Бамби им порача на оние што ја „мразат“ дека и таа е само човек, како и дека животот воопшто не ја галел.
По првата полуфинална вечер, една од топ темите дефинитивно е ирската претставничка Бамби Таг, чие вистинско име е Бамби Реј Робинсон. Родена е во Корк на 6 март 1993 година, а се идентификува како „небинарна“ личност и претпочита за неа да се користи заменката „тие“.
Покрај тоа, на Бамби во раното детство ѝ бил дијагностициран АДХД, односно нарушување на вниманието и хиперактивност. Иако првичниот план ѝ бил да студира танц, по повредата се префрлила на студии по мјузикл и пеење. Истовремено настапувала на различни хуманитарни настани за лицата со посебни потреби.
Годинава зборуваше за нападите и траумите, а во јануари откри дека има тешка форма на ПТСН од бројните трауми што ги доживеала во детството. Признала и дека била силувана во мај минатата година. Пејачката откри дека претрпела ужасни сексуални злоставувања од страна на некој што го „нарекувала пријател“.
– 2023 година беше неверојатна година во кариерата, но беше и една од најтешките години што сум ги имала – ја започнала својата мачна исповед.
– Му се јавив на пријател. Тоа беше пред мојот дебитантски настап на „Даунлод фестивал“, најголемиот момент во мојата кариера досега, и искрено, ми го украде тоа искуство. Бев целосно скршена, се преправав и не се сеќавам на ниту една секунда од шоуто – рекла таа, а потоа додала:
– Беше страшно, но нема да дозволам тоа да ме запре. Тоа само ме прави посилна – искрено признала таа.
https://youtu.be/BNc5zTYkTaQ