Патник од САД гризнал стјуардеса за време на лет, принудувајќи го летот на All Nippon Airways (ANA) кој летал за Сиетл да се врати во Токио, изјави портпаролот на авиокомпанијата.
Летот 118 на АНА полетал од аеродромот Ханеда во Токио во 21:47 часот по локално време, а споменатиот инцидент се случил еден час подоцна. Портпаролот на АНА изјави за Си-Ен-Ен дека полицијата привела машки патник веднаш по слетувањето во Јапонија, но не го откриле неговиот идентитет.
Портпаролот додаде дека стјуардесата се здобила со полесни повреди. Ова не е прв пат патник да касне стјуардеса. Во 2022 година, двајца патници добиле високи казни за удирање и гризење на екипажот и другите патници на одделни летови.
Едниот е казнет со 81.950 долари, а другиот 77.272 долари. Ова се двете најголеми казни што Федералната управа за авијација на САД им ги изрекла на патници поради нивното однесување во авион.