Амира ал-Тавил е една од најубавите и најслободните жени од арапскиот свет – таа беше првата во Саудиска Арабија која одби да носи абаја, односно традиционална женска облека. Со бракот стана дел од саудиската династија, но и по разводот локалната јавност продолжи да ја нарекува принцеза.
40-годишната Амира потекнува од средна класа во Саудиска Арабија – ја воспитувале нејзината мајка, баба и дедо, но нејзиниот живот добил поинаков правец кога во 2001 година, како 18-годишна девојка, за време на интервјуто за училишниот весник го запознала саудискиот принц Ал Валид Бин Талал, кој бил 28 години постар од неа. Интересно е што нејзиното име Амира на арапски значи токму „принцеза“.
Парот ги размени брачните завети во 2008 година, но нивниот брак траеше само 5 години; причините за разделбата никогаш не беа објавени, а во јавноста и странските медиуми се шпекулираше дека дошло до развод поради тоа што принцот не сакал да има деца со Амира, со оглед на тоа што тој веќе имал потомство. Но, интересно е што Бин Талал се развел и од своите две претходни сопруги
Амира, иако кратко време беше принцеза, во јавноста се наметна како жена со цврста волја, решена да им пркоси на стереотипите и застарените сфаќања во Саудиска Арабија и да ја подобри положбата на жената во нејзината родна земја.
Иако за западните современи стандарди Амира практикуваше прилично смирен, конзервативен стил, со многу малку прикажување на гола кожа, таа создаде револуција во арапскиот свет – за нив нејзиниот моден вкус беше нешто сосема ново и повеќе од слободно.
„Патот да станам принцеза… Тој пат ме избра мене. Бев девојка од семејство со просечни примања, сонував да станам доктор. А потоа се омажив за принц и мојот живот драстично се промени. На почетокот се фокусирав на моето образование, бидејќи ако човек не е образован, нема сигурност и доверба во себе. Затоа прво учев, а потоа се вклучив во добротворни проекти и го презедов управувањето со семејната фондација“, изјави еднаш таа.
Амира се осврнала и на фактот дека е разведена жена во сè уште конзервативното арапско општество: „Моралот се промени: општеството повеќе не ги осудува разведените жени како некогаш. Сега разведената жена може да живее сама, да биде финансиски независна, да носи важни одлуки и да наиде на разбирање“.
Амира пред неколку години истакна дека верува и бара љубов и по разводот, а желбите ѝ се исполнија во 2018 година. Имено, тогаш се омажи за милијардерот и бизнисмен Калифа Бин Бути Ал Мухаири, а една година подоцна го добија синот Зајед.
„Отсекогаш верував во љубовта, но мислам дека луѓето погрешно ја доживуваат. Современиот човек под љубов подразбира луда страст, но тоа е само дел од љубовта. Вистинската љубов бара пријателство, меѓусебно почитување, меѓусебно разбирање”, заклучила таа своевремено.