Чарли Шин најпознат е по улогата во легендарната ТВ-серија „Два и пол мажи“, а се има остварено и во многу филмски улоги. Ѕвездата што има тешка историја на зависности од дрога и алкохол, се венчавала трипати, има пет деца и едно внуче и била во врска со бројни актерки од филмови за возрасни.
Контроверзниот актер Чарли Шин уште во 1980-тите години станал зависен од дрога, алкохол и проститутки. Во 1995 година признал дека потрошил повеќе од 50.000 долари на проститутки. Трошел вртоглави суми на пороци, а сега најголеми трошоци му се алиментациите што им ги плаќа на поранешните сопруги Дони Пил, Дениз Ричардс и Брук Милер.
Продукцијата на „Два и пол мажи“ била прекината во јануари 2011 година, кога актерот бил на одвикнување од опијати. Тоа бил неговиот трет обид за рехабилитација во 12 месеца. Наредниот месец, Си-Би-Ес ги откажала последните четири епизоди од сезоната, откако Шин јавно го понижувал и коментирал авторот на серијата Чак Лор, што резултирало со забрана за Чарли Шин да му се приближи на сетот.
Во тој период Шин имал јавен нервен слом кој беше емитуван на телевизија и на Интернет. Актерот давал секакви изјави и кажувал бизарни работи за себе, како тоа дека е вештер и дека има тигрова крв и ДНК на Адонис.
„Уморен сум да се преправам дека не сум посебен. Уморен сум да се преправам дека не сум моќна рок-ѕвезда од Марс“, им кажал Шин на новинарите.