На 90-годишна возраст, Џоан Колинс реши да проговори за Холивуд и сексизмот. „Холивуд се промени многу бидејќи главно го презедоа корпорациите, а корпорациите се тие кои снимаат филмови сега. Секој филм има некоја порака, а мене ми е доста од пораки“, изјавила таа за „New York Post“.
Таа заминала да го гледа летниот мегахит со Марго Роби, „Barbie“, кој е посветен на женското зајакнување.
„Мислам дека Роби е одлична и сите актери беа добри, но не бев воодушевена. Но, времињата се сменија… Тоа е она што младите го сакаат денес, претпоставувам“.
Борба против сексуални напади
Во нејзините мемоари „Behind the Shoulder Pads“, Колинс опишува како се борела против сексуалните напади од страна на филмските изведувачи откако Мерилин Монро ја предупредила за холивудските „волци“ – а посебно го издвоила Дерил Занук, тогашен потпретседател на продукцијата на „20th Century Fox“.
Неколку дена подоцна, пишува Колинс, Занук напаѓа. „Вдишувајќи чад од пура спроти мене, тој прошепоти: „Немаше никој додека не ме најде, душо. Јас сум најголемиот и најдобар и можам цела ноќ“. Бев толку шокирана, што само истрчав назад кон сетот“, вели актерката.
Абортус на 26 години
Ѕвездата исто така пишувала и за абортусот на 26-годишна возраст откако забременила со тогашниот вереник Ворен Бити. Таа се присетила на моментот кога му ја соопштила веста на Бити.
„‘Бремена?’, праша со збунет глас на мало момче. ‘Како се случи ова?’“, пишува Колинс.
„‘Батлерот е виновен. Или можеби станува збор за безгрешно зачнување’“, реков саркастично. ‘Ова е страшно’, рече тој“. Колинс јасно дава до знаење дека нејзината кариера не би опстоила доколку го родела детето. Актерката напоменува дека раните 60-ти години биле „мрачни денови за девојките и жените“.
Абортусот тогаш бил нелегален практично насекаде. Плашејќи се дека ќе заврши лошо во скриена клиника, Бити ја испратил кај поранешен хирург во Њу Џерси. Утрото кога зафатот бил закажан, Колинс се предомислувала.
Но, 23-годишниот Бити, чија кариера само што започнала, ѝ рекол: „Душо, не можеме. Не можеме да го направиме тоа… Дете сега би нѝ ги уништило кариерите и на двајцата. Знаеш дека е така“.
Актерката вели дека „врескала од бес“ во јуни 2022 година кога Врховниот суд на САД го укина уставното право на абортус.
Колинс има 3 деца, Тара и Александер Њули со нејзиниот втор сопруг, актерот и композитор Ентони Њули, и Катјана со нејзиниот трет сопруг Рон Кас, како и четири внуци.
„Да имав дете во 20-те години, немаше да имам кариера“, заклучила таа.