Неименуван 50-годишник, по потекло од Литванија, завршил во затвор откако се обидел да го измами персоналот во ресторанот во Аликанте, Шпанија.
Наводно ги посетувал баровите оставајќи впечаток на „ситуиран руски турист“, подготвен да плати за вкусна храна.
Нарачувал морска храна, виски, салати, а кога дошло време да ја плати сметката имал „разработена шема“, пишува The Sun.
Менаџерот на ресторанот „Ел Буен Комер“ вели дека човекот сакал да замине, но келнерот го спречил и го предупредил дека не ја подмирил сметката.
„Тој рече дека ќе се врати, бидејќи ги заборавил парите во хотелот. Не можеше да го направи тоа, па се фрли на земја и се преправаше болен“, објасни тој и додаде дека веднаш повикале полиција.
„Ел Мундо“ пренесува дека човекот наводно бил уапсен 20 пати минатата и оваа година, а сега судијата го осудил на 42 дена зад решетки.
Шпанските медиуми ги пренесуваат зборовите на полицајците кои претходно го уапсиле 50-годишникот.
Тие нагласуваат дека никогаш не ја изгубил присебноста, бидејќи знаел дека се работи за помал прекршок. Во ситуации кога бил откриен, тој глумел срцев удар или мирно ги чекал органите на редот.