Меѓународниот измамник сега е во затвор и чека казна за лажно претставување, а најлудиот дел е што тој сепак би бил на слобода доколку не направел една мала грешка. Ентони Гињак, по потекло од Колумбија, патувал низ светот преправајќи се дека е саудиски принц и измамил милиони од инвеститорите кои биле воодушевени од него.
Кога го насочил погледот кон Мајами, негова цел бил супербогатиот Џефри Софер од фирмата за недвижнини Turnberry Associates. Софер ја „проголта мамката“ дека „султанот“ се интересирал за еден од неговите хотели, па дури и му подарил луксузни подароци вредни 50.000 долари.
Претставувајќи се себеси како „Султан Бин Калид ал-Сауд“, Гињак се преправал дека сака да инвестира стотици милиони долари во хотелот Фонтенблу на Мајами бич, кој беше реновиран и проширен за милијарда долари од компанијата „Тарнбери“.
Украдени осум милиони долари за две години
Но, за време на преговорите, милијардерот се посомневал во Гињак и му наредил на неговиот тим за безбедност да го испита. Гињак (47) сега е во притвор во Мајами, каде што чека пресуда од ноември, откако се изјасни за виновен за лажно претставување како странски функционер, кражба на идентитет и измама.
Анонимни извори тврдат дека Софер е една од 26-те жртви на Гињак ширум светот. Лажниот султан во периодот од 2015 до 2017 година украл вкупно осум милиони долари. Софер изгубил „само“ 50.000 долари во скапи подароци, но имал среќа брзо да открие дека Гињак бил измамник, пишува „Мајами хералд“.
Гињак, кој бил посвоен како момче од семејство од Мичиген, живеел во Јужна Флорида. Пораснал за да стане меѓународен измамник, а со украдените милиони купувал луксузни автомобили како ферари и ролс ројс, часовници ролекс, накит од Картие и луксузен апартман на ексклузивниот остров Фишер во заливот Бискејн.
„ПРИНЦОТ ОД ДУБАИ“
На Инстаграм, под псевдонимот „принц Дубаи“, Гигњак го покажувал својот екстравагантен начин на живот, но се погрижил неговото лице никогаш да не се види, само повремено објавувал фотографии од арапски личности.
Фотографиите главно го прикажуваат неговиот накит, вклучувајќи часовник ролекс обложен со дијаманти, вечери во ексклузивни ресторани, патувања со приватен авион, егзотични автомобили, уметнички дела, шопинг и ВИП третман на концерти и тематски паркови, но и неговата чивава, Фокси, која со него патувала во кожена торба.
Гињак и неговиот партнер Карл Марден Вилијамсон ја создале инвестициската компанија „Marden Williams International“ во 2015 година поради наводно легитимен бизнис.
Заедно со неговата банда, Гињак се преправал дека е член на саудиското кралско семејство и имал ексклузивни деловни зделки. Една од швајцарските жртви на Гињак загубила пет милиони долари поради еден таков договор. Гињак правел лом до март 2017 година, кога дошол во Мајами, уште еднаш преправајќи се дека е саудиски принц со 600 милиони долари на сметка. Неговите „претставници“ му пришле на Софер и му понудиле да купат 30 отсто од акциите на хотелот.
ГО ИЗДАЛА СЛАНИНАТА
За време на преговорите, сепак, Софер станал сомничав, а причината за тоа била едноставна – Гињак немал проблем да јаде сланина и свински производи за време на заедничките ручеци, што никогаш не би го направил посветен муслимански принц.
Откако Софер го пријавил случајот до федералните власти, започнала истрага и лажниот султан е уапсен во ноември, кога летал од Лондон до Њујорк со пасош на туѓо име. Властите пронашле неколку различни визит-картички во неговата резиденција на островот Фишер со различни имиња и титули, како што се „неговото кралско височество“, „принц“ и „султан“.
Додека Гињак ја чека пресудата следниот месец – и се соочува со затворска казна од 20 години – обвиненијата против неговиот партнер Вилијамсон се отфрлени бидејќи тој почина претходно оваа година.