Американцот со грчко потекло, Стаматис Мораитис тврди дека ја „измамил смртта“ откако лекарите му дијагностицирале рак на белите дробови на 66-годишна возраст и му рекле дека има само шест до девет месеци живот.
Поголемиот дел од животот го поминал во Њујорк и Флорида, но рекол дека дијагнозата му го променила животот, пренесува NY Times.
Таткото на три деца со сопругата Елпиники решил да се врати во татковината, на родниот остров Икарија, бидејќи американскиот погреб би му бил прескап. Сакал само да се напие вино и да чека „смртта да му тропне на врата“ на прекрасно медитеранско место, а тоа се покажало како најдобрата одлука во неговиот живот.
По враќањето во Икарија, поминале месеци и Мораитис забележал дека чувствува дека станува посилен како што одминувало времето. Откако поминале девет месеци, сфатил дека можеби сè уште има живот. Тој преживеал 32 години откако му бил дијагностициран рак и починал на 98-годишна возраст.
Тој се пошегувал за Би-Би-Си: „Јас не сум доктор, но мислам дека виното помогна“. Малиот грчки остров Икарија е познат како место чии жители живеат 10 години подолго од другите Европејци, а често живеат и стотина, пишуваат медиумите. Мораитис јадел домашна храна, пиел вино, дишел чист воздух и живеел живот без стрес.