Сестрата на Селин Дион, Клодет Дион, сподели новости за здравствената состојба на пејачката откако ѝ беше дијагностициран синдром на вкочанета личност кој ја принуди да ја откаже светската турнеја.
Во разговор за „Le Journal de Montreal“, Клодет изјавила дека за Селин се грижи нивната сестра Линда и дека блиско соработува со истражувачи кои се специјализирани за ретки болести.
„Не можеме да пронајдеме лек кој делува, но надежта е важна“, порачала таа.
„Искрено, мислам дека најмногу ѝ треба одмор. Таа секогаш оди над просекот кога настапува, секогаш се труди да биде најдобра во својата игра“, додала Клодет.
Синдромот на вкочанета личност е неизлечива невролошка состојба која резултира со неконтролирани мускулни грчеви. Погодува само еден од милион луѓе.
Сестрата на пејачката изјавила дека се труди што повеќе да ги слуша врвните истражувачи од областа на оваа ретка болест, а семејството верува дека еден ден ќе пронајде начин на рехабилитација што ќе ѝ овозможи да се врати на сцената.
„Настапувањето ѝ е вродено, дисциплинирана е во сите области од нејзиниот живот“, додала Клодет.
Обожавателите ѝ дадоа неверојатна поддршка на Селин кога се појави веста дека ја откажала светската турнеја поради здравствени проблеми во мај. Таа претходно ги одложи своите планирани настапи откако јавно ја сподели дијагнозата во 2022 година.
Во декември истата година, Селин откри дека ѝ било дијагностицирано ретко невролошко нарушување кое предизвикува неконтролирана мускулна тензија, која на крајот ги остава болните како „човечки статуи“ бидејќи постепено го „заклучува“ телото во крути позиции, правејќи ги болните неспособни да одат или зборуваат.