Албанската Влада го разреши градоначалникот на Кукс, Сафет Ѓици по објавувањето на скандалозното видео со интимни моменти со девојка во неговиот кабинет.
– Владата донесе одлука за итно разрешување на градоначалникот на Кукс. До распишување на предвремени избори, Владата деновиве ќе назначи вршител на должноста, изјави министерката за финансии и економија Делина Ибрахимај.
Таквата одлука доаѓа по објавувањето на видеото на социјалните мрежи и медиумите по што реагираше и самиот Ѓици, кој објави дека поднел оставка и дека подолго време бил во интимна врска со наведената девојка. При тоа му даде политички премиси велејќи дека е „плен на стапица од политичките противници“ но, сепак, додаде, дека е негов непромислен чин.
Во меѓувреме и Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, (СПАК) започна истрага против Ѓици, бидејќи „делото се случило во службени простории“.
Во реакцијата на социјалните мрежи, Ѓици наведува дека станал плен на стапица, која, според него, била детално подготвена.
-Најдлабоко извинување до јавноста до секој што го виде тоа грдо видео денес. По тешка кампања и соочување со моите противници, по што излегов како победник, за жал станав плен на стапицата која детално ја подготвија истите луѓе со кои се соочив на изборите. Овде успеаја во друга валкана форма да го направат тоа што можеа да го направат со гласот на жителите на Кукс, изјави Ѓици.
Тој призна дека извесен период бил во врска со девојката која се појавува во видеото.