Пред многубројна публика синоќа беше промовирана биографската книга за Велибор Џаровски – Џаро, „Живот на коцка“. Авторка на книгата е новинарка Милица Џаровска, која на еден забавен начин ги носи читателите на возбудливо патување низ животот на Џаро.
“Живот на коцка“ ме излечи затоа што ја пишував во време кога се затври весникот „Вест“. Одеднаш, после 16 години немав што да правам и среќа што бев зафатена со оваа книга. Не беше лесно да се пренесат муабетите на Џаро на хартија, знае да биде конфузен, да спомне една година на почетокот од приказната, да заврши со друга. Јас немам начин тоа да го проверам затоа што Гугл ги нема податоците за сите тие домови на култура од 1970-те и 1980-те, па требаше да го препрашувам по неколку пати и знаевме да се скараме, па мајка ми ќе ја прекратеше таа кавга“, рече Милица на промоцијата.
„Мене ми е жал што младиве генерации за Џаро го знаат само по превари и местење утакмици. Не ќе да е така, дечки. Овој човек има направено за оваа држава повеќе од многу политичари. Без разлика на сите прикаски што ќе ги прочитате во книгата. Ги донел најголемите балкански ѕвезди, да ја засакаат Македонија толку многу што до ден денес не ја испуштаат во своите интервјуа, муабети, без разлика дали е Здравко Чолиќ, Бора Чорба, Тереза Кесовија, Мишо Ковач“, рече промоторот, актерот Игор Џамбазов.
Џаровска книгата ја напиша пред шест години на српски јазик, а годинава издавачкиот центар „Три“ ја објави на македонски јазик.