На веб-страницата на независната организација „Крени промени“, каде луѓето започнуваат петиции за одредени општествени промени, е започната петиција за одземање на работните дозволи на српските телевизии Пинк и Хепи.
„Телевизиите Хепи и Пинк, во голема мера, ги користеа своите национални фреквенции за кршење на Законот за електронски медиуми.
Иако се општи даватели на медиумски услуги, што значи дека мора да имаат документарни, културни, научно-образовни и детски програми, овие две телевизии имаат врска со детска програма само кога во нивното студио гостува локален политичар за кој очевидци тврдат дека подведува малолетници.
Ние имаме обврска да застанеме на патот на ваквите гнасотии, без разлика на потенцијалните несогласувања, политички разлики или различни определувања“, стои во описот на петицијата, која ја потпиша Лука Трипковиќ од „Крени промени“.
„Не сакам нездравото да стане нормално“, „Да се запре менталното труење на народот“, „Пропагирање неморал, криминал, злоупотреба, дискриминација, кршење на човекови права, криминални дела – се ова влијае на свеста на луѓето и ја вознемирува јавноста“, гласат дел од коментарите на потписниците на петицијата.
Досега се собрани нешто повеќе од 318 илјади потписи, а крајната цел е 400 илјади.