Вдовицата на Патрик Свејзи зборувала за првите симптоми кои наговестиле дека актерот боледува од неизлечива болест.
Кога холивудската ѕвезда, танчар и актер Патрик Свејзи почина од канцер на панкреас на 57-годишна возраст, фановите ширум светот биле шокирани. Малкумина знаеле дека актерот е болен. Неговата сопруга, Лиза Нијеми Свејзи била скршена.
„Го поминавме цел наш возрасен живот заедно“, рекла Нијеми која денес има 66 години, а за својот сопруг се венчала кога имала само 18 години.
„Беше многу тешко. Тоа е како да изгубиш рака или нога и мораш повторно да научиш како да одиш и функционираш додека трпиш страшни болки“.
14 години по неговата смрт, Нијеми се надева дека нејзината приказна која во партнерство со Мрежата за акција против панкреас и која ја сподели со светот ќе им помогне на луѓето да ја подигнат свеста за болеста која му го одзела животот на актерот.
„Канцерот можеби го зеде, но не го победи. И, ја продолжувам оваа борба за него“, изјавила таа.
„Патрик водеше многу тешка и долга битка и доколку таа би му помогнала некому, тоа би била апсолутна чест за него“.
Изненадувачки прв симптом
Сопругата на Свејзи истакнала дека многу е тешко рано да се открие канцерот на панкреас, а раскажала и кои се првите симптоми кои и двајцата ги забележале.
Првиот знак на болеста се појавил во очите на Свејзи. Поради тоа што канцерот на панкреас може да го блокира жолчниот канал до црниот дроб, болеста често предизвикува жолтица чии најчести симптоми се жолта белка во окото и жолта кожа.
„Дојде кај мене и ми рече: Дали очите ми изгледаат жолто?“, изјавила таа за „Today“.
„Жолтата белка едноставно не делува нормално. Мора да одиме на доктор утре“, се присетила таа што му рекла на сопругот.
Жолтицата не била единствениот симптом којшто се појавил:
„Имаше и некои проблеми со варењето – болката не престануваше. Но, сепак жолтите белки беа симптомот којшто нè поттикна да одиме на доткор“.
Експерт од клиниката „Мејо“ објаснува дека поради тоа што канцерот на панкреас може да ги притиска абдоминалните нерви, болката во стомакот е честа во подоцнежниот стадиум од болеста. Опструкцијата на цревата е уште еден симптом за растечки тумор, додаваат тие. Канцерот на панкреас којшто прераснува во првиот дел од тенкото црево или притисокот на него може да го блокира протокот на сварената храна од стомакот во цревата.
Нијеми кажала дека докторот штом го погледнал Свејзи, го испратил на скенер, што покажало дека боледува од канцер на панкреас. Откако ја поминал ендоскопијата која ја потврдила дијагнозата, Свејзи бил оптимист во поглед на иднината.
„Штом докторот излезе од собата, ме погледна и рече – јас сум мртов човек. Речиси сите доктори рекоа – извинете, подгответе се за крај“.
Канцерот на панкреас е еден од најсмртоносните од сите останати канцери. Актерот Патрик Свејзи починал за помалку од две години откако му била дијагностицирана болеста.