Макена Мајлер стана вирален хит на интернет откако во првата бременост истрча една милја (1,6 км) за помалку од 6 минути.
Сега, во својата втора бременост, професионалната атлетичарка повторно се предизвика себеси и го намали тоа време за 17 секунди. Во февруари, Макена учествуваше во трка од 1,6 км и ја заврши за 5 минути и 17 секунди.
Нејзината порака е: „Не се плашете да ја предизвикате ‘реалноста’“.
Макена ја споделува својата приказна затоа што сака да ги предизвика сфаќањата за она што можат, а што не можат да прават трудниците.
„Следам многу жени кои се или мајки или се кандидатки за да бидат мајки и кои се вклучени во светот на трчањето. Сакам сите да знаат, особено овој дел од популацијата, дека реалноста која им е насликана секогаш треба да се стави под прашање. Особено оние пораки кои ви велат дека ‘не можете’“ – вели таа, истакнувајќи дека нема за цел да им создаде лоши чувства на трудниците кои не се активни во бременоста.
„Ова не е игра на споредување. Здрава и среќна бременост треба да ви биде ЕДИНСТВЕНА цел“ – вели таа.
Во видео на Instagram, Мајлер отворено споделува дека добива различни коментари на социјалните мрежи. Додека едни ја фалат и ја нарекуваат „инспирација“, други ја критикуваат што го ризикува животот на нејзиното неродено дете.
„Ми велеа дека сум лоша и негрижлива мајка само затоа што трчав во бременоста. Сето тоа мора да се промени“ – вели таа.
„Нашите тела се неверојатни“ – додава Макена.
Докторите се согласни дека е сосема безбедно атлетичарите да продолжат да тренираат за време на бременоста доколку им е удобно да го прават тоа.
„Моите препораки за атлетичарите се да ги продолжат тренинзите без некои поголеми измени. Ако се чувствуваат нестабилно или се во ризик од повреда на стомакот, тоа треба да се избегнува по 16-тата недела. Во спротивно, во ред е да се трча“ – вели докторката Кирстин Лајтнер.
извор: femina.mk