Тестаментот на демента баба во Австрија го шокираше нејзиното семејство откако било откриено дека целото свое богатство вредно 3 милиони евра му го оставила на водоинсталатерот.
Австриски „Кронен цајтунг“ пишува дека бабата и пред смртта го назначила водоинсталатерот за итен контакт и дека семејството не можело ништо да направи бидејќи парите законски му биле оставени во наследство.
„Сè додека не постои кривично дело како измама, принуда или изнуда, роднините не можат да направат ништо. И би било исклучително тешко да се докаже тоа бидејќи жената сега е почината“, рече Лоренц Киршнер, адвокат специјализиран за оставински прашања.
Имено, откако нејзиниот сопруг починал во 2018 година по 50 години брак, таа останала сама во голема куќа, а бидејќи немале деца, веќе немало кој да се грижи за финансиските и организациски работи.
Една година подоцна, водоинсталатерот почнал да работи редовно во куќата на бабата во Клостернеубург и тие изградиле добри односи.
По две години му го префрлила целиот имот на подарок. Останатото му го ветила како единствен наследник во тестаментот, а тоа ветување на крајот го исполнила.