Пред шест години, на вчерашен датум, почина Јованка Броз во Белград, а беше погребана во Куќата на цвеќето. Во последните години не се знаеше практично ништо за првата дама на поранешната држава, симболот на едно време што умре пред неа.
Јованка Будисављевиќ е родена на 07 декември 1924 година во село Печане, во Лика, од татко Мичо и мајка Милица како второ дете во семејството. На 17 години станала член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија. Во 1943 година за време на втората светска војна е ранета во ногата и заболува од тифус. Истата година починал нејзиниот брат Максим, како и нејзиниот татко. На 21 година добива два ордени за храброст, а исто така е носител и на Партизанска споменица во 1941 година. Јосип Броз Тито го запознала за време на германскиот десант на Дрвар во 1944 година. Како младата партизанка од Лика стана жена на југословенскиот комунистички водач не е сосема јасно.
Љубовната приказна на овој пар веројатно започнала во тој период. со оглед на тоа дека во брак стапиле во 1952 година. Но, како точно започнала таа љубов, не е јасно и не се знае до ден-денес. Наводно, по Втората светска војна, на 24 години Јованка почнала да работи во кабинетот на Тито. Тогаш му паднала в очи на значително постариот и харизматичен Броз. Друга верзија на настаните е дека Јованка во 1945 година била ангажирана за да ги контролира храната и здравјето на лицата што го опкружувале Јосип, а подоцна наводно му станала лична секретарка.
Односите на брачниот пар почнале да се нарушуваат во раните 70-тите години на минатиот век. Нивниот однос станал тема и на остри политички расправи. Јованка тврдела дека се обидувала да го заштити својот сопруг од разните агенти, бидејќи десет од неговите единаесет државни секретари (министри) ги сметала за некакви агенти. Нејзините противници пак го тврделе спротивното дека токму Јованка е таа која работи против својот сопруг.
Во средината на 70-тите години Тито ја напушта Јованка. Во текот на 1975 година, таа не била присутна не некои од титовите меѓународни посети, а почнале да кружат и гласини дека често се распрвале. Во април 1975 година, Тито ја напуштил нивната резиденција на Ужичка 15 и сам се преселил во Белиот двор. Јованка последен пат е видена во јавноста на 14 јуни 1977 година, на официјален прием за премиерот на Норвешка. Подоцна тоа лето е упасена под сомнителни околности. Немало официјално известување за нејзиното апсење кое наводно го наредил самиот Тито. Не се видела со Тито во последните три години од неговиот живот. На кратко се појавила во јавноста за време на погребот на Тито на почетокот на мај во 1980 година.
Кога почина Тито, Јованка беше во многу лоша позиција. Ѝ го одзедоа имотот, а немаше ни лични документи. Со години живееше во изолација, била тешко болна од рак, но јавноста за тоа дозна дури на 23 август кога во сериозна здравствена состојба беше примена во Ургентниот центар во Белград. Во еден период беше ограбена и нејзината вил, но Јованка тоа не ја уплаши.
-Тие не сакаат да живеам, ама јас сакам. Тие можат се да ми земат ама неможат моето памтење – изјавил таа во едно интервју.
Почина на 20 октомври 2013 година во својата 89 година од животот.