Сликарката и шампионка во паратеквондо Дејана Бачко е родена без раце и симболично го доби прекарот „девојката со крилја“.

Иако е родена без раце, оваа хероина која ги инспирира луѓето уште еднаш покажа дека хендикепот не ѝ е пречка да ги оствари своите соништа.

Оваа поранешна параолимпијка, светска шампионка и бестрашна жена со својот позитивен дух ги совладува сите препреки во животот, а со сликарство се занимава од својата петта година. Веќе на девет години, таа е редовен член на здружението ВДМФК (здружение на сликари кои сликаат со уста и нозе).

– Тоа ми е прва љубов и во тоа најмногу се пронаоѓам. Ми требаат неколку дена да насликам слика. Секако, се зависи и од енергијата – изјавила Дејана за еден портал.

Досега има направено повеќе од 1000 слики, имала 30 изложби, а најголема инспирација и мотиви за сликање ѝ се животните. Со своите прекрасни слики оваа млада мајка ги руши сите предрасуди и граници.

– Изложбата не е тематска. Најмногу сакам да сликам животни, тие некако најмногу ме инспирираат. На моите слики почесто ќе ги видите нив, отколку, да речеме, портрети, иако немам домашно милениче и не можам да чувам. Кога имаш домашно милениче, тоа е како да имаш дете, тие се како член на семејството, а ние веќе имаме едно дете – додава таа низ смеа.

Дејана не ја крие среќата и радоста затоа што е мајка. Таа истакна дека таа и нејзиниот партнер Марко се исклучително среќни и исполнети бидејќи станале родители. На почетокот ѝ било малку тешко, како и на сите мајки.

– Како и секоја мајка која за прв пат се наоѓа во оваа улога, сосема е во ред да бидеш нервозна, исплашена, да се плашиш од сè, дали и како ќе се снајдеш со бебето. И јас го имав тој страв, но се борев со себеси. Јас сум со инвалидитет и сепак е различно помеѓу некој што нема раце и некој што има. Но, мислам дека многу добро се снајдов како мајка – изјавила оваа храбра жена.

Скромната и насмеана Дејана открива дека другите мајки ѝ се восхитуваат, дека има голема почит од луѓето. Сепак, таа преку својот личен пример сака да им покаже на луѓето дека сè може да се постигне, дека лицата со попреченост можат да се исполнат во улогата на мајка.

– Сакам да ги охрабрам сите жени кои имаат некаква попреченост, без разлика дали се во инвалидска количка или не, без разлика дали имаат некаква физичка попреченост, ако сакаат, можат да станат мајки – рече храбрата Дејана.

Како што признава оваа млада мајка, сликарството и понатаму е нејзина љубов, нешто што ја исполнува, но во моментов приоритет е нејзината ќерка Лара.

– За среќа, Марко е тука да ме разбуди малку и да ми каже: „Имаме бебе, потполно те разбирам, но треба да се посветиш на себеси, да не се запоставиш“. Се вратив на сликарството, а што се однесува до спортот, немам намера да се вратам на арената. Постигнав сè што можев и сакав, освоив медали, немам што повеќе да освојам – завршува таа со насмевка.

Бачко е ѕвезда на социјалните мрежи, поттик и мотивација за многумина во животот. Без разлика на нејзиниот инвалидитет, таа одлично се справува со својата ќерка, ги извршува домашните работи и секој нов ден го дочекува со насмевка. Ако може таа, може и секоја друга жена, бидејќи само од нас зависи дали ќе си поставиме граници, или како Дејана, ќе ги срушиме и ќе постигнеме сè што сакаме.