Филипинскиот претседател Родриго Дутерте предупреди дека ќе и нареди на полицијата и војската да пукаат во секој што „предизвикува проблеми“ во периодот на едномесечниот карантин во земјата поради коронавирусот.
– Ова е предупредување за сите – слушајте ја Владата, бидејќи е клучно да имаме ред и не ги навредувајте здравствените работници, лекарите … затоа што тоа е сериозно злосторство. Им наредувам на полицијата и војската, ако некој прави проблем, а вашите животи се загрозени, пукајте, – рече Дутерте во обраќањето до нацијата.
Тој им издаде предупредување на сите жители на сиромашните квартови во Кезон Сити во округот Манила кои долж автопатот во близина на своите домови протестирале поради тоа што не добиле пакети со храна и други намирници откако пред две недели почна карантинот.
Силите за безбедност ги предупредиле жителите да се вратат во своите домови, но тие одбиле, јави полицијата, па протестот бил растурен и 20 луѓе биле уапсени.
На Филипините досега од коронавирусот починаа 96 луѓе, а 2.311 се заразени.