Италијанецот Матија Агучи (37) е прогласен за херој откако фатил тригодишно девојче кое паднало од балконот на петтиот кат. Матија Агучи, банкар од Торино, рекол дека тој и неговата девојка отишле во пекара во центарот на Торино, пишува CNN.
„Излегов со девојка ми да купам леб и слушнавме врисоци од зградата кои ни го привлекоа вниманието. Слушнав како човекот вреска кога го виде девојчето како се наведнува преку работ. Девојчето се повеќе се наведнуваше и се качуваше, се држеше само со рацете, а нозете и беа во воздух“, опишал Агучи.
Се обидел да го привлече вниманието на девојчето со викање, но сфатил дека таа не може да го слушне. Потоа проценил каде може да падне и застанал таму.
„Почнав да и викам да остане мирна и да се врати внатре, но таа не слушна. Кога ја видов како паѓа, застанав на патот, ги затворив очите и се надевав дека се ќе биде најдобро, го ублажив нејзиниот удар и двајцата паднавме на земја“, објаснил тој.
Агучи се здобил со полесни повреди.
„Отпрвин не почувствував дека дава знаци на живот, потоа девојчето почна да плаче и ми олесна“, рекол тој.
Родителите на девојчето излегле на улица кога сфатиле што се случило, а итната помош го однела девојчето во болница. Агучи рекол дека родителите на девојчето биле во шок, но дека таа е добро.
„Постапката на Матија Агучи, нашиот сограѓанин, кој во лет фати и спаси живот на девојче кос падна од петти кат е херојски и необичен гест“, напиша градоначалникот на Торино, Стефано Ло Русо, во објава на Фејсбук и повика на почит на Агучи.
На банкарот му се заблагодари и италијанската премиерка Мелони.
„Приказната за девојчето кое падна од балкон на петти кат во зграда во Торино можеше да се претвори во трагедија. Но, благодарение на брзината на Матија Агучи, која ја виде како паѓа и ја зграпчи во воздух, нејзиниот живот беше спасен. Голема чест и благодарност до овој млад херој“, напиша Мелони на Твитер.
Сепак, Агучи не сака да го нарекуваат херој.
„Не ме нарекувајте херој. Направив сè толку природно. Се обидов да го направам тоа што треба“, вели тој и се пошегува дека му помогнале вишокот на килограми.
„Во секој случај, сега веќе нема да ми кажуваат дека е подобро да ослабам малку. Добро помина. Што повеќе би посакале? Судбината не испрати таму. Сите сме добро, а тоа верувајте е најубавото нешто“, вели Агучи.
Италијанската полиција ги истражува околностите на инцидентот.