Фудбалската репрезентативка на Швајцарија и капитен на женскиот тим на Јанг Бојс Флоријана Исмаили (24), се удави откако скокнала од чамец да се освежи во езерото Комо.
Исмаили заедно со уште едно женско лице изнајмиле чамец и заминале на езерото Комо во Италија. Заминале на 700 метри од брегот, и биле во чамецот еден час, а потоа Флоријана се решила да влезе во езерото кое што во тој дел било длабоко 100 метри.
„Помислив дека сака да ме уплаши и изненадно да се појави од другата страна на чамецот. Кога видов дека ја нема, почнав да врескам, да ја викам, но залудно беше. Потоа повикав помош“, објаснува девојката која била сведок на несреќниот настан.
Повеќе од 24 часа нема трага од фудбалерката, а полицијата очајно се обидува да најде некаква трага.
„Пребаравме два километри од местото кое е обележано дека Исмаили последен пат била видена. Ќе ни помогнат и нуркачи. Езерото Комо е опасно. Под мирните води има силни струи. Можеби се онесвестила кога влегла во ладните води“, велат од полицијата.
Исмаили е родена во Швајцарија, а има потекло од Прешево.