Нели Фуртадо е родена на 2 декември 1978 година во градот Викторија, Британска Колумбија (една од десетте канадски покраини). Нејзините родители, Антонио Хосе Фуртадо и Марија Мануела Фуртадо, водат потекло од островот Сент Мигел, но во доцните 1960-ти, морале да емигрираат во Канада.
Пејачката Нели Фуртадо често го има потенцирано своето португалско потекло, а на само четири години почнала и да пее на овој јазик. Светска слава стекна со хитовите од раните 2000-ти, кои сè уште носталгично се вртат на многу поединечни плејлисти, како што се I’m Like a Bird, Promiscuous и Maneater. Меѓутоа, откако повеќе од пет години го одржуваше статусот на светски популарна пејачка и откако се најде на врвот на сите музички листи, одеднаш исчезна прекуноќ.
Зошто ја снемало прекуноќ?
Канадската пејачка се откажала од својата музичка кариера, но и од светската слава, бидејќи доживеала нервен слом во 2006 година.
„Доживеав нервен слом на сцената. Бев на турнејата Loose со ќерка ми. Бев истовремена и мајка и пејачка на пат“, изјавила таа.
Потоа, за време на еден настап на турнејата, излегла на сцена и сфатила дека е под голем стрес, а притисокот бил преголем.
„Всушност, плачев додека пеев две песни. Тогаш, одлучив дека ќе направам пауза од музиката и дека ќе се вратам дома. Дури откако влегов во мојот дом, сфатив дека моето семејство е сè што ми треба“, рекла во едно интервју.
Истакнала дека целела премногу високо, додека не сфатила со колкав стрес се бори. Признала дека едноставно не можела повеќе да го издржи притисокот од славата, но и потенцијално блескавата кариера.
„Ми беше премногу за толку кратко време. По две години интензивни турнеи и концерти, ми се случуваше да поминам со часови во мојот дом во Лос Анџелес, гледајќи во подот.“
Во 2017 година го објави самостојниот албум The Ride, кој не помина добро. Успеала да продаде само 1814 примероци ширум Америка.
Каде е сега Нели Фуртадо?
Откако безуспешно се обидела да се врати на музичката сцена со албумот The Ride, канадската пејачка набрзо сфатила дека повеќе не плива во музичките води, односно во новите трендови, и дека не сака да го менува својот личен израз заради потенцијална слава. Одлучила да основа сопствена издавачка куќа, бидејќи сакала да им помогне на младите уметници да ги имаат сите права над своите песни.
По тој повод, за магазинот „Форбс“ изјавила дека е задоволна од крајниот исход од нејзината професионална кариера.
„Моментот кога основав своја сопствена издавачка куќа беше клучен за мене, бидејќи конечно почувствував дека ги поседувам своите песни“, заклучила таа.