Планинар кој наверојатно доживеал срцев удар додека се движел со група на релација Бозовце – Скакаличко езеро, со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи од Шар Планина е однесен на скопските клиники.
Како што соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, член на планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово се јавил во полиција и информирал дека на еден учесник на планинарската тура од Куманово му се слошило.
-Планинарите според симптомите востановиле дека се работи за срцев удар. Затоа се јавиле во МВР, а поради оддалеченоста на Шар Планина побарале од полицијата да испрати летало за да се овозможи итна лекарска помош,- изјави Јосифоски.
По дојавата, од МВР е испратен хеликоптер, а полициските службеници по пристигнувањето на посочениот предел на Шар Планина успеале да ја лоцираат групата. Планинарот кој давал знаци на живот е пренесен во Клиничкиот центар во Скопје.