Борче Трајковски на својот Фејсбук профил раскажува како му помогнал Тахир, “мајстор“ за местење превртени нерви на кичма.
“Ќе го паметам додека сум жив, Тахир, (Таир), од Ѓорче…
Уште кога го видов на врата, станав се насмеав и со големо задоволство го пречекав. Зоран е во постојана “позитива“ ведар човек, и со таква енергија влезе во мојот “трајлер“. Не ми текнува што рече додека стоеше на прагот со двете кеси полни со се’ што му треба на едно мало семејство кое ги крпи деновите со рецки во кооперации и пазарџиски тезги, ама знам дека покрај тоа што го прегрнав се обидов и да го поткренам во прегратката. И го поткренав. Зоки не само што е вицкаст и весел, мислам, оптимистички настроен човек, човек кој, кога помага тоа го прави од срце, чисто и чесно, беше и се’ уште е машала од чоек. Крупен и тежок. Арно ама, чим му ги кренав стапалата од подот, нешто ми крцна кај “крстот“ на кичмата. Го осетив како пуцкетање во тој предел, ама на почеток не осеќав никаква болка. Речиси никаква. Имав мали потешкотии околу станувањето и седнувањето ама си реков, како дојде така и ќе пројде. Е сеа, како поминуваше времето, болките стануваа се посилни и понепријатни, а движењето се’ поотежнато. Утредента се обидов да излезам во двор, да видам што се случува и комшилук, и малку, ама само малку недостасуваше да се онесвестам од силната болка во грбот, тука, кај таканаречениот крст. Едвај се вратив дома, и легнав, ама морав да ја најдам позицијата во која нема да ја чувствувам болката. Ја најдов и така останав. Секој обид за помрднување однапред знаев дека ќе биде пропратен со силна, неподнослива болка. Се стемни, заспавме сите…
Некаде околу 2 сабајлето, најверојатно сум се помрднал во сон, и ја почувствував најсилната болка до тогаш. Скокнав. Сите ѕвезди на небото ги избројав. Се стегав колку можев да не јаукам, да не ги будам моите и соседите, и знам дека се спуштив од креветот на патос, и во разни пируети во лежечка позиција ја барав позицијата каде ќе ми исчезне болката. Џабе. Болеше до болка, секаде. Не знам како дочекав да се раздени и да му свртам на Зоки, да му кажам да го побара човекот, Тахир, за кој вчера ми кажа дека бил проверен и потврден “мајстор“ за местење превртени нерви на кичма, дека Управата на Галатасарај од Истанбул испраќала спецејално авиончиња во Скопје за да го однесат на интервенција таму, дека пари не бара, дека таа дарба ја користи онака, за да помогне. Ако имаш ќе му дадеш, ако немаш да си здрав и среќен, тоа му е мотото…
Со болка , избледен, исцрпен од ноќта која ќе ја паметам додека сум жив, му реков да го донесе човекот кај мене дома, затоа што нема шанси да помрднам чекор. Двајцата се молевме Тахир од Ѓорче, тој ден да биде во Скопје. И беше. И заедно со другар ми дојдоа кај мене. Кога влегуваше, Таир го држеше телефонот на уво и зборуваше со некој, слушнав само како рече: “Еве, во Бутел сум кај еден човек, за две минути ќе бидам готов и ќе те барам!“ Џ..нннггг…!?! Кои две минути бе чоек, си викам, ја уште малку ќе умрам, овој мртов ладен вика, за две минути ќе бил готов. Ми рече да легнам на стомак на подот. Едвај се испружив. Ми ја крена маицата кај крстот, и рече: Еве го, и го допре со прст местото, точката. Рипнав од болка…
Нема да ви кажам какви гимнастики ми направи, ама ќе ви кажам, дека со првиот потег, го осетив истото крцкање како завчера кога го кренав другарот, ама со невидено олеснување. Како од мене да излезе набиен прекупритисок од внатрешна гума, како да паднаа бетонски ѕидови кои ме гмечеаа, како да се распрсна менгемето кое ме притискаше со неподнослива болка. Тахир ми рече, стани, му реков, не. Те молам оставете ме вака да отспијам некое време. Го осетив кога се врати на месот тоа што ме притискало. И само едно ќе ти кажам, господине Тахир. Ако имав пари, сите ќе ти ги дадев без око да ми трепне. Рацете нека ти се позлатат. Се насмеа и рече, сите вака викаат додека ги боли, од утре ме забораваат. Затоа подобро е што немаш пари, барем ќе го паметиш Тахир од Ѓорче…
Ќе го паметам додека сум жив, Тахир, (Таир), од Ѓорче…“ напиша Борче Трајковски на својот Фејсбук профил.