Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин објави во неделата дека руската престолнина ќе воведе лотарија во која премијата ќе биде автомобил за да ги охрабри скептиците да се вакцинираат против коронавирусот во Русија која се соочува со растечки нов бран на заразите.
Поради остриот раст на бројот на заразените со коронавирусот, Собјанин во саботата објави дека деновите од 15-ти до 19-ти јуни ќе бидат неработни и дека до 20-ти јуни сите барови, ресторани и други места за масовни собирања ќе бидат затворани најдоцна до 23 часот.
Секоја седмица на располагање ќе бидат пет автомобили во вредност од по милион рубљи, односно 11.500 евра, се наведува во објавата на московските власти.
„Меѓутоа, секако дека главната добивка за лицето коешто ќе реши да се вакцинира е неспоредлива со каков и да е автомобил. Главната добивка е нивното сопствено здравје и духовната рамнотежа“, порача градоначалникот Собјанин.
Претходно во саботата Собјанин нареди затворање на детските игралишта близу трговските центри и парковите до 20-ти јуни, и ги повика вработените да работат од дома во сите дејности во коишто тоа е можно, а забрани и послужување во рестораните од 23 часот навечер до 6 часот наутро следниот ден.
Русија во неделата забележа 14.723 нови случаи на зараза од коронавирусот (со 357 смртни исходи), што е највисок дневен број од средината на февруари, кога имаше над 14.200 новозаразени. Речиси половината од новите зарази отпаѓаат на Москва, или 7.704 случаи, која е главното жариште во земјата од почетокот на епидемијата.