Ана Галевска Јакимовска д-р. вет. мед.
Ветеринарна Амбуланта Прима Вет Медика Скопје
Мачката е исклучиво месојадно животно и е припитомена како домашен миленик која со тек на време престанува да лови, но со самото тоа не ги губи своите навики. Најпрактично е кога мачката се храни со дехидрирана мачја храна која ги содржи сите потребни хранливи состојки. На пазарот постојат повеќе типови на храна за сите раси на мачки, зависно од величината, староста, активноста и нејзината здравствена состојба. Понекогаш мачките се алергични на некои врсти на храна па истата треба соодветно да се замени.
Основно правило при одбирање на храна е да ги знаете состојките кои се наведени по редослед према количината на пр. – ако пченичното брашно е прво, а рибино/пилешко брашно второ, значи дека храната највеќе има застапеност на пченично брашно, па после застапена е рибата/пилешко месо и таа храна се води како не квалитетна храна.
Протеините од животинско потекло секогаш треба да бидат на прво место, а добро е во храната да има и рибино масло кое спаѓа во групата на квалитетни масти, потоа растителни влакна како и омега 3 и 6 масни киселини. За жал, поголемата цена на храната секогаш го гарантира и нејзиниот квалитет.
Пример на квалитетни храни кој можат да се купат во пет продавниците се храните:
- Сите храни со ознаки ,,grain free,,
- И сите суперпремиум дехидрати ( избегнувајте да купувате обоена дехидрирана храна која лесно може да се набави во супермаркетите)
Ако мачката се храни со храна приготвена дома оброкот треба да се состои во главно поголемиот дел од месни делови (пилешко месо, мисиркино месо, јунешко месо и риба). На мачките им треба храна богата со белковини, растителни влакна, витамини и минерали, масти, односно есенцијални масни киселини, а да има помала застапеност на јаглехидрати. Белковините се посебно важни за мачките, поготово за гравидните мачки, оние кои дојат и кои се опоравуваат од некаква болест. Ако практикувате мачката да ја храните со сирово месо, најубаво ќе биде месото претходно да се држи во замрзнувач 3 дена. Повремено можат да се дадат млечни производи (јогурт, ацидофил АБ култура, или свежо кравјо сирење). Млекото треба да се избегнува – не затоа што предизвикува глисти (заблуда која што е присутна и до ден денес кај луѓето), бидејќи може да предизвика пролив заради недостаток на ензими кој се важни за дигестија на лактозата.
Кога мачето ќе престане да цица од мајката, млекото веќе не спаѓа во основните состојки за прехрана.
Мачката секогаш на располагање треба да има тањирче со свежа вода. Водата е главна состојка на крвта бидејќи пренесува кислород и хранливи материи низ целото тело. Исто така го изнесува и јаглеродниот диоксид и метаболитите од телото, придонесува во регулирање на т.т, важна е за дигестија на храната и ги елиминира непотребните работи преку бубрезите. Затоа секогаш треба да бидеме сигурни дека миленикот има чиста и свежа вода, посебно ако се храни со сува дехидрирана храна.
Храна која е штетна за здравјето на мачките и не смее да се дава
- Чоколади и слатки (она и инаку не го препознава вкусот на шеќер)
- Храна која содржи голема количина на сол и останати зачини
- Храна базирана на јаглехидрати (леб, тестенини)
- Секојдневна исхрана со црн дроб (црниот дрб повремено е добро да се дава, но прекумерна употреба може да предизвика вишок вит. А )
- Млеко
- Зеленчук (мешункасти плодови, компир)
- Храна наменета за кучиња
На мачката секогаш треба да и се дава храна претходна чувана на собна температура, никако веднаш извадена од ладилник. Ако претходно имате конзерва чувана во ладилник извадете ја на собна температура, па покасно понудете ја како оброк. Секогаш тањирчето треба да биде претходно чисто, затоа што мирисите остануваат на него и некои мачки можат да ја одбијат понудената храна.
Број на оброци според возраста
- мачиња од 2 – 3 месеци 4 – 5 мали оброци дневно
- мачиња од 3 – 5 месеци 3 – 4 мали оброци дневно
- мачиња од 5 – 9 месеци 3 оброци дневно
- после 9 месеци 2 оброци дневно
Треба да се запомне и од особена важност е да се водиме според пропишаните количини кои се наведени на секоја вреќичка дехидрирана храна. Дебелината кај мачките ги предизвикува истите болести како гојазноста кај луѓето. За подетални информации околу ихраната и правилното чување на вашиот миленик може да се консултирате со вашиот матичен ветеринар или да се обратите во нашата ординација.