Ана Галевска Јакимовска д-р. вет. мед.
Ветеринарна Амбуланта Прима Вет Медика Скопје
Во денешно време се повеќе се јавуваат проблеми со забите кај кучињата со оглед на тоа дека нивната исхрана значително се има променето последните 30 години како и нивниот животен век. Во склад со очекувањата на сопствениците кој го посакуваат само најдоброто за своите миленици, стоматологијата стана важна гранка во ветеринарната медицина. Возрасно куче има 42 заба. Кај малите кутриња првите заби почнуваат да избиваат веќе на 3 недели старост, а околу 4 месец млечните заби почнуваат да се заменуваат со нови, трајни заби, кој по правило сите никнуваат до 7 месец од животот на кучето. Првите проблеми со забите се јавуваат баш при самата промена на млечното забало со трајното, кога сеуште имаме присутно млечен заб кој не испаднал а трајниот заб веќе никнува. Тоа во принцип и не претставува некаков проблем, освен кај изложбените примероци на кучиња кои мора да имаат совршени заби, а друго е тоа што измеѓу нив може да се задржи храна која претставува идеален медум за раст и развој на бактерии.
Понекогаш состојбата на забите може од прилика да ни ја одреди староста на кучето, но не секогаш таа метода се зема за прецизна, затоа што некои кучиња имаат здраво и негувано забало со мало присуство на забен камен со 10 годишна старост, за разлика од кучиња со навршени 2 години.
Зошто е тоа така?
Здравјето на забите зависи од многу фактори – генетика, исхрана, начин на чување и др. Да почнеме со генетиката.. Општо е познато дека помалите раси на кучиња имаат поголеми проблеми со забниот камен за разлика од поголемите раси. Зошто е тоа така? Малите кучиња имаат поинаков метаболизам од големите раси, различна pH вредност на плунката, така што забниот камен кај нив повеќе се создава за разлика од големите раси. Тој проблем е посебно поизразен кај пудлите кои на мала возраст може да имаат проблеми со забниот камен.
Исхраната е еден од најважните фактори. Конзервираната храна е еден од најголемите причинители за создавање на забен камен кај милениците. Кога кучињата се хранат со сува, дехидрирана храна, кучето мора добро да ја соџвака храната и со тој чин храната механички ги чисти забите стружејки по нивната површина и со самото тоа го отстранува забниот плак, односно наслагите на забите. Кога кучињата се хранат со мека конзервирана храна, тој ефект изостанува, па целиот плак се лепи и останува на забите.
Како настанува забен каменац?
На забите првенствено настанува плак. Тоа е белузлава, леплива наслага која е создадена од остатоци од храна и бактерии. Лесно се отсранува со четкичка за заби. Доколку не се отстрани плакот, под дејство на плунката и бактериите тој калцифицира и се создава забен камен. Со оглед дека забниот камен е со рапава површина, на него се задржува константно плак кој повторно доведува до создавање на поголема количина забен камен. Забниот камен навлегува под непцата, одвојувајќи го самиот заб, а со самото тоа доаѓа до воспаление на гингивите и предизвикува состојба наречена ГИНГИВИТИС. Гингивитис е лесно препознатливо воспаление кое предизвикува непријатен здив (смрдлив), видливи промени на непцата кој се зацрвеното пребоени и отечени, а не ретко и крварат. Доколу забниот камен не се отстрани, болеста напредува до ПАРАДЕНТОЗА, односно до вовлекување на непцата и отпаѓање на забите.
ЛЕКУВАЊЕ
Единствен начин е отстранување на забниот камен механички или ултразвучно. Постојат голем избор на препарати кој можат сопствениците да ги набават со цел да го смират воспалението и да спречат повторна појава на истото.
ПРЕВЕНТИВА
Постојат многу начини да се спречи појавата на забен камен или барем да се продолжи времето до неговото создавање. Денес на пазарот постојат разни препарати во облик на храна, пасти, креми, грисини, играчки и друго, чија цел е механички или хемиски да се спречи создавање на плак и камен.
Постојат паста и четкичка за заби кој се посебно формулирани за кучиња, доколку ви допушти миленикот четкање на забите. Една од ,,постарите,, методи е давање на кучето коска за да ја глода, најдобро е говедска потколеница која се покажала доста ефективна во однос чистење на забите, меѓутоа немојте да дозволите во никој случај да ја изеде или голтне затоа што тоа би довело до други здравствени проблеми.