Откако патникот се обидел да упадне во пилотската кабина на авионот и потоа да отвори една од вратите, стјуардесата го запрела – со лонец. Авионот на Американ Ерлајнс бил пренасочен, па наместо во Вашингтон слетал во Канзас Сити, а патникот бил уапсен, пренесува Метро.
Еден од патниците опишал дека неколку патници се упатиле кон предниот дел на авионот за да помогнат во задржувањето на патникот, чиј идентитет сè уште не е познат. Патникот Џејк Смит рекол дека одел во тоалет кога ја видел стјуардесата како „трча со полна брзина по патеката“.
Сликите и видеата од местото на настанот покажуваат дека човекот бил соборен на земја, а истражителите на ФБИ разговараат со сопатниците.
Карен Алстон, која исто така била во авионот, опишала дека се чувствувала како да е на филм кога ненадејно се вклучиле светлата над нејзината глава и видела бројни луѓе како брзаат кон предниот дел на авионот.
Откако летот беше пренасочен, патниците беа повторно резервирани за нов лет до Вашингтон. Портпаролот на Американ Ерлајнс за Дејли Меил изјави дека летот бил пренасочен поради „непослушен патник“.
– Благодарни сме на членовите на нашиот екипаж, кои постојано се посветени на безбедноста и грижата за нашите клиенти и кои се справија со околностите со најголема вештина и професионалност – рече портпаролот. Во соопштението на ФБИ само накратко се вели дека летот бил насочен поради поединец кој се мешал со екипажот на авионот, но дека немаат дополнителни информации.