– Помислив дека е убава, забавна и многу паметна. Не знам дали и таа го помисли истото за мене. Веројатно помислила дека сум стар. Потоа ми испрати неколку фотографии што ги направи кога беше тука и почнавме да се допишуваме. По некое време ни стана јасно дека тоа помеѓу нас прерасна во нешто повеќе од пријателство. Во октомври 2013 година, ја поканив Амал да ме посети во студиото „Аби Роуд“ (Abbey Road) во Лондон, каде што снимав филм. Одлично си поминавме. Потоа отидовме на вечера. Само што тргнавме, пред вратата се појавија 50 папараци, но таа одлично се снајде. Додека бев во Лондон, работите брзо ескалираа и таму останав следните шест недели – објасни тогаш Клуни.

Дотогашниот најпознат ерген повеќе не одолговлекувал, па по само шест месеци врска, во април 2014 година, ја запроси Амал во неговиот дом.

– Јас сум готвач во семејството. Не направив ништо импресивно, некоја тесстенина. По вечерата, ѝ реков да оди до фиоката да ја земе запалката за да ги запалиме свеќите. Таа отвори и го извади прстенот. Останатото го завршив јас, клекнав и направив сè што е потребно. Таа зјапаше во прстенот и велеше: „О, Боже“! Клечев 20 минути и чекав да каже „да“, таа беше многу шокирана – објасни Клуни.

Амал ретко зборува за Џорџ, но првпат направи исклучок пред неколку години во театарот Долби во Лос Анџелес, каде што Клуни ја доби наградата за животно дело од Американскиот филмски институт. Така, деталите за нивната врска конечно излегоа на виделина.

– Го запознав Џорџ кога имав 35 години и тој почна да се крие во мојот стан во Лондон. Набргу почувствував дека што и да се случи, не сакам да бидам со некој друг. Не можев да заспијам кога бевме разделени. Ми велеа дека се смешкам како никогаш досега и дека ја навалувам главата на одреден начин секогаш кога ги читам неговите пораки и писма што кришум ги ставаше во чантата. Години подоцна, ништо од тоа не се промени. Тој е личноста на која неизмерно ѝ се восхитувам, која ме воодушевува и чија насмевка секој пат ме растопува. Со него ја најдов љубовта за која отсекогаш сонував. Нема ништо поубаво од тоа кога го гледам како си игра со нашите деца, кои, исто така, еден ден ќе се гордеат со него кога ќе сфатат кој е тој, како што се гордеам јас – изјавила тогаш Амал.