Амбер Оливија, многу атрактивна русокоса, веќе долги години работи на крузер, па на своите следбеници на ТикТок неретко им открива интересни детали од своето секојдневје. Меѓутоа, многумина ги изненадила со признанието дека вработените на бродот мораат да почитуваат строги правила и кога станува збор за нивниот љубовен живот.
Имено, луѓето најмногу ги интересира дали членовите на посадата смеат да запознаваат и да се зближуваат со патниците.
„Ова е прашањето што луѓето најчесто ми го поставуваат, а одговорот е – не. Ова е најголемото ‘не’ што постои во договорот. Ако го направите тоа, ќе добиете отказ. Ако дознаат, а веројатно би дознале, бидејќи камерите се насекаде. Зошто да ризикувате?“, рекла таа.
Признала дека и самата била во искушение да ја прекрши таа забрана, бидејќи многу ѝ се допаѓал еден патник.
„Едвај му одолеав, сепак, тоа ќе беше голем ризик. Многу лесно можам да останам без добро платена работа“, рекла таа.
Освен тоа, додала дека пожелно е вработените да се дружат и да се согласуваат меѓусебно, но дека никако не е дозволено да се посетуваат во кабините.
„Не ни е дозволено да нè видат надредените како излегуваме од нечија кабина, но се случуваат и такви ситуации. И познавам луѓе што го имаат направено тоа. Нема да именувам никого, но се случува. А дали тоа е дозволено? Не, не, не, не…“, открила таа.
Доколку посака да го доведе својот партнер на крузерот, мора да помине низ посебна процедура. Неговото доаѓање задолжително мора да му биде најавено на менаџментот.
„Ако некој ве види како влегувате и излегувате од нечија кабина, би можеле да ве пријават и да ве доведат во многу непријатна ситуација. Ќе мора да одговорите на низа незгодни прашања. Па така, мора да ги известите однапред за да не дојде до забуна“.