Основачот на поп групата чија песна стана химна за време на антивоените протести во Русија почина во неделата на 34-годишна возраст, пишува Newsweek.
Пејачот Дима Нова, чие вистинско име беше Дмитриј Свиргунов, ја основа популарната група Cream Soda, која во песната „Aqua Disco“ ја критикуваше палатата на рускиот претседател Владимир Путин која наводно вреди 1,3 милијарди долари.
Споменатата песна често се пееше на протестите во раните денови на руската воена инвазија на Украина, а протестите брзо станаа познати како „Aqua Disco Party“.
Свиргунов пропаднал низ мраз додека ја минувал реката Волга во регионот Јарослав, пишува „Медуза“.
Во моментот на несреќата тој бил во друштво со својот брат и уште двајца пријатели. Cream Soda во понеделникот на Инстаграм потврди дека Свиргунов починал.
„Синоќа се случи трагедија. Нашиот Дима Нова се движеше по Волга во друштво на пријатели и падна низ мразот. Министерството за вонредни состојби се уште трага по неговиот брат Рома и пријател Гоша Киселев. Аристарх, нашиот пријател кој исто така падна низ мразот беше пронајден, но му немало спас. Веднаш штом ќе имаме информација од министерството за вонредни состојби, ќе ве информираме“, напишаа од групата.
Членовите на Cream Soda станаа икони на антивоеното движење кога рускиот комичар Александар Гудков употреби една од нивните песни за да се потсмева на Путин, кој е обвинет за изградба на раскошна палата во близина на градот Геленџик на јужниот брег на Црното Море во Русија со помош на приходи од корупција.